11-ТИ ЈУЛИ – СВЕТСКИ ДЕН НА НАСЕЛЕНИЕТО!

Светскиот ден на населението е  настан кој се одбележува секоја година  на 11-ти јули, на глобално ниво.

Управниот совет на Програмата за развој на Обединетите нации го препорача неговото воведување во 1989 година. Од тогаш, до денес, одбележувањето е широко прифатено во повеќе од 90 држави низ целиот свет.

Светскиот ден на населението има за цел, да ја зголеми свеста на луѓето за различните прашања во врска со населението и тоа: важноста на планирањето на семејството, родовата рамноправност, сиромаштијата, здравјето на мајките и човековите права.

Во фокусот на прославата за 2018 година ќе биде темата: “Планирањето на семејството е човеково право”.

Зошто е избрано планирањето на семејството?

Годинава, се одбележува  50 годишнина од Меѓународната конференција за човекови права од 1968 година, каде планирањето на семејството за прв пат беше потврдено за човеково право. Основното право на родителите е да можат да одлучуваат за бројот и растојанието на нивните деца.

Бројот на населението за период од  една година, приближно се зголемува за околу 100 милиони жители. Според податоците, светската популација на 6 февруари 2016 година изнесуваше 7.400.000.000 жители, за да на 24 април 2017 година,  достигне 7.500.000.000 жители. Милиони жени, на светско ниво, сè уште не добиваат пристап до безбедни и ефикасни методи за планирање на семејството.

 Затоа темава е избрана како фокус за 2018 година.