Во (Chhattisgarh) Чатисгарх  една од 29-те држави во Индија, во градот Амбикапур отворен е кафе-ресторан каде сиромашните луѓе и собирачите на партали можат да добијат бесплатна храна во замена за донесена пластика. Овој модел на работење го објаснува и градоначалникот на Амбикапур Ајај Туркеи, “Дојдовме со нова одредба дека доколку некој донесе еден килограм пластика, тој или таа ќе добие бесплатно храна, а за половина килограм пластика, ќе добијат бесплатен појадок. Ние го именувавме ова како „Кафе за ѓубре“.

Целиот собран пластичен отпад од овој кафе-ресторан се планира да се искористи за изградба на патишта во Амбикапур. Во градот веќе има изградено еден пат од пластични кеси и асфалт.

Ако се земе во предвид дека сиромаштија во Индија е на многу високо ниво, а речиси повеќе од половина од вкупното население на државата спаѓа во оваа категорија, главната битка на овие жители е да се обезбеди храна за своите семејства.

Покрај борбата со сиромаштијата Индија има големи проблеми и со пластичниот отпад, каде дневно се продуцираат околу 26.000 тони отпад од пластика.

Оттука и овој модел на отворање на овој вид на ресторани создава можности за намалување на овие два проблеми, да се понуди бесплатна храна во замена за пластика.

Овој вид на кафе ресторани постојат и во одредени места во Европа и САД. Поголем дел од овие кафулиња се направени од пластичен отпад.